Големи наочари со дебели рамки, старки, карирана кошула или маица со испечатен дизајн и чаша кафе – oва е стереотипниот изглед на графичкиот дизајнер, но има повеќе стеротипи и митови.

Исто како и секоја друга кариера, работењето како графички дизајнер, за не-дизајнерите е тешко сфатливо. Со секое објаснување следат и многу реакции, мислења и недоразбирања. 

Едни од најчестите недоразбирања и митови ќе ги издвоиме овде. 

1. ГРАФИЧКИОТ ДИЗАЈН Е ЛЕСНА РАБОТА 

Секогаш кога ќе спомнам дека студирам дизајн, првото нешто што го слушнам е “лесно е тоа, сигурно“. Навистина е иритирачки да се класифицира графичкиот дизајн како „лесна и несериозна“ професија. Играњето со бои и дизајн софтвер цел ден не значи дека дизајнерите не се во важна кариера.

Само затоа што графичките дизајнери го поминуваат поголемиот дел од времето на компјутер, луѓето мислат дека е лесно и помалку стресно. Но, во реалноста, графичкиот дизајн е исто како и другите работни места за кои е потребно искуство, знаење и посветеност.

Добриот дизајн бара многу размислување и истражување. На пример, добро дизајнираните логоа бараат часови истражување, скицирање и експериментирање. Треба да одвоите време да научите сè за компанијата и да ја дознаете нивната суштина. Исто така, треба да истражувате логоа на слични компании за да се запознаете со тоа што е стандардно и што веќе постои. Само тогаш сте подготвени да конструирате визуелен симбол или типографско решение за одреден клиент. А тоа, секако, не може да се постигне за еден час.

2. КОЛКУ ПОЕДНОСТАВЕН ДИЗАЈН ТОЛКУ ПОЕВТИНА ЦЕНА

Ја имате ли слушнато приказната за Пабло Пикасо?

Пабло Пикасо бил шпанско-француски сликар, кој се смета за еден од најголемите мајстори на сликарството во 20-тиот век. Обично додека седел во некоја пекара или ресторан, сакал да скицира и црта нешто на парче салфетка. Еден ден нацртал нешто со кое што не бил задоволен и сакал да го фрли. По што некоја жена импресионирана од нацртаното побарала да и ја даде салфетката. Тој веднаш се согласил и побарал 20 франци. Жената била доста изненадена и го прашала зошто да плати за нешто што тој го направил за неколку минути. На тоа Пабло одговорил дека му биле потребни всушност 50 години, сè со цел да го усоврши занаетот и да може да го прави тоа за неколку минути.

Вие не го плаќате само финалниот производ, туку плаќате и за вештината и стручноста на креативецот.

Само затоа што дизајнот изгледа едноставен, не значи дека на дизајнерот му било потребно помалку време за да го направи од некој покомплициран дизајн. За изработка на некој дизајн е потребно многу идеи и мисли кои понекогаш ги има и премногу, па реално дизајнерот има покомплицирана задача за да ги отстрани непотребните елементи кои понекогаш можат и целосно да го одделат делото од неговата главна идеја.

3. ГРАФИЧКИОТ ДИЗАЈНЕР КРЕИРА ЛОГОА

Графичкиот дизајн не е само за создавање логоа. Графичкиот дизајн е уметност за создавање визуелна содржина за пренесување на одредена порака. Ова може да се примени на огромна низа медиуми – без разлика дали тоа се постери, списанија, корици на албуми, презентации на брендот, инфографик и многу други. 

Дизајн како дизајн е многу широк термин и има многу под-полиња што спаѓаат под него, секое со своја специјалност. Исто како што не можете да одите кај било кој доктор и да очекувате да се специјалисти во точно она што ви е потребно, истата идеја важи и за дизајнот. Графичкиот дизајнер не секогаш може да се занимава и со илустрација, калиграфија или веб-програмирање. Некој што дизајнира фонтови, веројатно не е истиот што може да ви изгради мобилна апликација. Илустраторот кој прави портрети со ликови пак не е иста личност што може да ги напише и да ги изложи страниците на вашата книга, и слично.

Во зависност од тоа што точно ви треба, можеби ќе ви требаат повеќе од еден професионалец за да ви помогнат во различни делови од вашиот проект. Во најмала рака, треба да бидете свесни дека „дизајнот“ не е едно поле што важи за сите.

4. ГРАФИЧКИОТ ДИЗАЈН Е РАБОТА САМО НА КОМПЈУТЕР

Општо познато е дека многумина веруваат во тоа дека дизајнерската индустрија е 100% дигитална. 

Дел од тоа е точно. Голем исход на дизајнот е дигитален, но патот до постигнување на посакуваниот резултат често може да биде комбиниран.

Графичките дизајнери користат скици за да ги соберат сите свои идеи на едно место, тие исто така цртаат и пишуваат работи на хартија, табли и многу други недигитални платформи. Дизајнот не се однесува само на финалниот производ, туку и на самиот процес, а тој често не вклучува употреба само на компјутери.

5. СЕКОЈ ШТО ЗНАЕ PHOTOSHOP ИЛИ ILLUSTRATOR Е ДИЗАЈНЕР

Софтверот не е ништо друго освен алатка, и како и со секоја алатка, конечниот резултат нема да биде оптимален, освен ако немате вештина, искуство и талент да го користите.

Ако гледате упатства на Интернет и учите како да ги користите програмите Adobe тоа може да биде поучно, но занаетот зависи од училиштето или работните искуства поврзани со дизајни или уметност. Преку овие искуства брзо научувате дека процесот започнува пред да ја започнете програмата. Започнува со скица, идеја или визија. 

Неколку зборови за крај…

Графичкиот дизајн е клучен елемент на комуникацијата. Главната цел на добар графички дизајнер е да ги претвори пораките во значајна и привлечна графика. 

За да го направи тоа потребно е склоп од вештини, напори, посветеност, напорна работа и моќ на визуелизација. Графичкиот дизајнер треба да ја разбере целта на графиката, целната група, како и дизајн брифот. Ако дизајнерот не произведе квалитетен материјал, може да ја изгуби можноста да добива идни понуди од клиенти.