Блог пост: Сè што треба да знаеш за да го напишеш првиот
- март 25, 2020
- Објавено од: Горан Николов
- Категорија: Facebook & Instagram Marketing , WordPress ,
Иако во светски рамки изработувањето на содржина за веб страни и бренд канали на социјални медиуми е веќе добро позната и одлично платена работа, во нашата држава оваа професија сеуште предизвикува конфузија, особено во врска со потенцијалната добра заработка. Зарем навистина квалитетна игра со зборови може да ви донесе висока заработувачка? Се разбира, но најпрво, треба да знаете како да манипулирате со зборови, каде да барате и како да се однесувате со потенцијални клиенти.
Како и со било која друга професија, за пишувањето блог постови (во продолжение ќе користиме и блогирање) веруваме во една стара македонска „или го имаш, или го немаш“. Во оваа јас не би се согласил ни во милион години!
Зошто?
Исто како и со било која друга вештина, пишувањето блог постови се учи, се вежба, се напредува и се постигнува одредено ниво. Се разбира, не секој може да постигне исто ниво на пишување на квалитетни блог постови кои ќе го привлечат вниманието на најголемите медиуми или пак ќе бидат споделувани од милиони во светот, но секој може да пишува блог постови инспирирани од нивни секојдневни лични искуства, ставови и мислења кои ќе бидат сосема доволно добри за креирање на една заедница околу брендот.
Органски бенефити од блог постови
Доколку гледаме од потехничката страна, блог постовите се неопходни за добро SEO, односно за рангирање на пребарувачите како што се Google. Без блог постови, било кој бизнис или бренд може да се најде закопан на третата страна од Google.
Кратко разјаснување, SEO (или Search Engine Optimization) е процес на зголемување на квалитетот и квантитетот на сообраќај кој го носите на вашите страни преку зголемување на видливоста на машините за пребарување (пр: Google, Yahoo, Bing, итн.). Тоа се постигнува вклучувајќи зборчиња (или „keywords“) во вашите блог постови кои веќе се пребаруваат на машините за пребарување.
И кога вашите блог пост содржат такви зборчиња, Google со помош на напредни технологии ги регистрира вашите блог постови преку зборчето или повеќе зборчиња, ги вреднува вашите блог постови и одредува позиција на која тие ќе се наоѓаат при секое пребарување од страна на еден корисник. Целта е, се разбира: прв резултат на првата страна.
Штом си сеуште овде и продолжуваш да читаш, ти имаш желба да научиш да пишуваш блог постови, па да започнеме.
Што сè сочинува еден добар блог пост?
Пред да започнете со пишување, треба да ги знаете сите работи кои сочинуваат еден добар блог пост. Најпрво, треба да си одговорите на прашањето „Зошто некој би сакал да го прочита овој блог пост од почеток до крај?“
За почеток, најважно за еден блог пост е да биде интересен и едукативен. Вашите блог постови треба секогаш да одговараат на прашање од читателот и да му помогнат во решавањето на проблемот со кој можеби се соочува. Можеби уште поважно е да го направите тоа на забавен начин.
Но, не е доволно само да одговорете на нечии прашања. Треба да им понудите чекори кои тие ќе можат да ги преземат, без притоа да им бидете досадни. На пример, првиот пасус или воведот треба да го привлечат вниманието на читателот за тој да продолжи да го чита блог постот. Потоа, можете да се послужите со примери за да го задржите интересот на читателот за тој да остане доволно долго на вашата страна за да всушност има корист од посетата.
Во продолжение следуваат 10 совети кои може да се применат како за пишување блог постови, така и за најразлични видови на контент маркетинг. ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Советите се сèопфатни, или во други зборови – долги. Затоа една топла препорака – припремете си кафе или чај пред да започнете.
Како да го напишете првиот блог пост?
1. Кои се вашите читатели?
Пред да го напишете вашиот прв блог пост, ЕСЕНЦИЈАЛНО е да дефинирате која е вашата таргет група на читатели, односно потенцијални потрошувачи. Што знаат тие за вас? На кој начин комуницираат? Што ќе резонира најдобро со нив? Кои се нивните најчести интереси? Овде на некој начин ја креирате вашата buyer persona (доколку ја немате креирано). СЕКОГАШ, значи апсолутно СЕКОГАШ, мислете на вашата buyer persona додека креирате наслов за вашиот нареден блог пост.
На пример, доколку вашите читатели се миленијалци кои се заинтересирани да започнат со сопствен бизнис, веројатно на нив не им треба информација за како да започнат на социјалните медиуми – повеќете од нив сигурно имаат некакво присуство таму. Можеби посоодветно ќе биде да им дадете информација за како да го приспособат нивниот пристап на социјалните медиуми во покежуал, поличен пристап, бидејќи тоа се бара на денешно време на социјалните медиум, а не директен, продажен пристап.
2. Пронајдете ја темата за вашиот прв блог пост
Пред да почнете со пишување, потребно е да изберете тема. Звучи смешно што дури го спомнувам ова, но многу е важно да знаете точно за што ќе пишувате пред да почнете, што е изненадувачки честа грешка. Темата може да биде многу општа, бидејќи сте на самиот почеток. На пример, доколку сте академија за странски јазици, можете да почнете со 6 држави во кои германскиот јазик е службен јазик.
Потоа, како што правите истражувања и следите како читателите реагираат на вашите содржини, можете да ја проширите темата и да дискутирате за хакови како да научите германски подобро и полесно. Еден совет, избегнете да пишувате блог постови за „how-to” и зачувајте ги за понатаму кога веќе ќе имате верни читатели кои ви веруваат. Првиот предизвик е да ги информирате и да ја стекнете довербата, а понатаму да ги едуцирате.
Доколку имате потешкотии да најдете идеја за пишување, едноставно гуглајте, читајте блог постови или слушајте подкастови, пa инспирацијата ќе дојде сама по себе.
3. Изберете работен наслов
Навидум ова е лесна задача, бидејќи е само работен наслов, така? Но, не е. Овој работен или првичен наслов ќе одлучи во која насока ќе пишувате и ќе го насочите вашето пишување. Работниот наслов треба да биде едноставен и без многу финеси. Едноставно, напишете „пишување прв блог пост“ (како во овој блог пост) и тоа ќе го води вашето пишување во правецот во кој сакате да биде крајниот резултат.
Ајде да земеме еден live блог пост за пример: „Тајни од Светски Брендови за да се Издвоите од Толпата на Социјалните Медиуми“. Не е лошо, нели? Насловот е малку подолг од препорачаното, но точно нѝ кажува за што се работи во него. Работниот наслов најверојатно ми бил нешто во стилот на „тајни од големи брендови за social media“.
Дали ја забележувате еволуцијата од работен наслов до конечен наслов? Имајте на ум дека во некои случаи работниот наслов може да заврши како финален, едноставно затоа што одговара совршено на блог постот.
4. Напишете вовед и направете го впечатлив
Првата задача на еден изработувач на блог постови (content writer или блогер) е да го привлече вниманието на читателот. Можеби нема да погрешам и ако се изразам со зборовите „треба да го ЗГРАПЧИ вниманието на читателот“ и да го заинтригира. Ако го изгубите читателот во првите неколку реченици од воведниот параграф, тие ќе престанат да читат пред да имате можност да се искажете.
Пишувањето на привлечен вовед може да го направите на неколку начини: раскажете им приказна, сочувствувајте се со нив, презентирајте им некој интересен факт или статистика или надоврзете се на некоја актуелна тема. Потоа опишете ја целта на блог постот и објаснете им како ќе го решете проблемот на читателот со кој можеби се соочува. Ова секако ќе му даде на читателот голема причина да продолжи да чита. Еве пример од блог пост што мислиме дека го привлекува вниманието на секој маркетер:
5. Подредете го блог постот во поднаслови
Честопати блог постовите содржат огромна количина на информации, како за читателот, така и за писателот. Трикот е во тоа да ги организирате сите информации кои планирате да ги вклучите во блог постот во поднаслови кои ќе може читателот да ги процесира во брз скен, така што читателите нема да се исплашат од должината или количината на блог постот.
Ако го земеме за пример овој блог пост, станува збор за огромна количина на информации и доколку не е распореден во поднаслови, помали делчиња, примери и по некои слики, свесни сме дека 10% од читателите нема да се задржат повеќе од 10 секунди.
Кога блог постот ви е подреден и организиран пред да почнете со пишување, ќе знаете секое делче каде треба да се наоѓа во блог постот, а исто така ќе добиете и појасна претстава за каква импресија ќе добијат читателите при читањето на вашиот блог пост.
6. Пишувајте!
Следниот, но не и последниот чекор, е пишувањето. Претворете ги сите ваши мисли, искуства, теории и верувања во содржина која ќе резонира со вашите читатели. Пишувајте на тема за која сте доволно информирани, на тема за која сте стравствени, направете дополнително истражување да откриете нов факт или да ги потврдите оние кои веќе ги знаете, вклучете пример од вас/вашиот бренд поврзан со темата или од колеги, поткрепете ги вашите аргументи со линкови до валидни извори, дадете им заслуги и пофалби на оние кои ги спомнувате во блог постот. Сите овие работи ќе ги направат вашите блог постови кредибилитетни, но и ќе добијат вистинска вредност за читателите.
7. Лекторирајте, едитирајте, скратете и објавете
Една од навиките која посекако не сакате да ја развиете е да се приврзате со сè она што ВИЕ ќе го напишете. Можеби секоја реченица е генијално напишана, но дали е неопходна во блог постот? Избришете ја доколку не е, затоа што сепак, треба да имате на ум дека времето на читателот е можеби ограничено и не сака да знае информации кои не се поврзани со темата, односно насловот кој го привлечел неговото внимание.
Процесот на едитирање и лекторирање е можеби исто толку важен како пишувањето, што значи НИКОГАШ не го игнорирајте. Замолете ваш колега да го прочита блог постот и да ви сугерира измени пред да објавите.
Кога ќе ја имате финалната верзија на блог постот, еве две дополнителни работи на кои е препорачливо да им обрнете внимание:
Featured image
Изберете визуелно убава и релевантна слика за вашите блог постови, без разлика дали ќе е графичка или реална. Тоа ќе ја зголеми желбата на корисниците да ги отворат вашите блог постови за 40 пати повеќе. Потрудете се да најдете соодветна слика и за неколку од подточките во блог постовите.
Визуелен изглед
Никој не сака несреден блог пост кој е болка за очите. Не зборувам само за сликите, туку за форматот и организацијата на целиот блог пост. Долги параграфи, без никакво задебелување или празен простор, никакво поредување…
Во еден идеално среден блог пост, насловот и поднасловите се користат за да разделат голем дел од текст. На пример, погледнете го текот на овој блог пост: има поднаслови, делчиња текст и слики распоредени со доволно празен простор. Одржувањето на оваа константност ќе ги направи сите ваши блог постови (и вашиот бренд) да изгледаат многу попрофесионално и што е најважно – лесни за очите.
8. Ставете „CTA“ на крајот
CTA, или Call-to-Action, е чест термин во маркетингот и со него се опишува било кој уред, начин или средство кој е дизајниран да охрабри продажба. Без разлика која е вашата цел со блог постот, секогаш треба да имате CTA што ќе иницира што следно сакате од читателот: да симне бесплатна еКнига, да се регистрира на вебинар, да прочита слична статија, да стане претплатник на ваши и-меилови, и слично.
Обично се смета дека CTA е исклучиво од бенефит за маркетерот. Читателите читаат блог пост, кликаат на CTA копчето и евентуално стануваат „lead“ за маркетерот. Но, CTA копчето е вреден извор за личноста која ја чита вашата содржина. Затоа, ова е win-win за сите. Читателите имаат можност да преземат следен чекор по завршувањето со блог постот и бизнисот добива „lead“ кој може да го негува додека евентуално не стане потрошувач.
9. Оптимизирајте ја страната за пребарувачите
По завршувањето со пишување, едитирање и форматирање, време е да се навратите на оптимизација на блог постот за машините за пребарување, поточно on-page SEO. Проверете дали ги вклучивте сите keywords кои планиравте без тие притоа да влијаат на искуството на читателите. Доколку се чувствуваат вештачки и ставени како исклучиво за пребарувачите, а не за корисниците, подобро отстранете ги.
Исто така, обидете се да го скратите линкот, односно URL, и да го направите да биде повеќе user-friendly. Идеално: со еден keyword во него. Друго на што треба да обрнете внимание е:
Meta description
Meta description е описот кој доаѓа веднаш под насловот на блог постот на Google search results страната. Во 150 до 160 карактери, треба да им овозможите на корисниците преглед во вашиот блог пост пред тие да кликнат на него. Обидете се да најдете реченица-две со кои ќе го опишете блог постот, но и ќе го привлечете вниманието на корисниците за да кликнат и да дојдат на вашата веб страна. Иако се верува дека meta описите не се повеќе фактор во рангирањето на клучни зборови на Google, вклучете го главниот keyword и овде – за секој случај. 😉
Page title and headers
Заедно со meta описот, овие се две од најважните on-page SEO поставки што може да ги искористите за повисоко рангирање. Доколку ги следите советите од овој блог пост до сега, вашите наслови природно вклучуваат keyword или израз во кој вашите таргет читатели имаат интерес. Задржете ги насловите кратки до 65 карактери за кога корисниците ќе ги сретнат на Google, да имаат преглед од целиот наслов (подолгите наслови од 65 карактери Google ги сечи и не ги прикажува цели).
10. Изберете „catchy“ наслов
Последниот чекор и исто толку важен како сите претходни е да го украсите работниот наслов. Ќе ви споделиме една победничка формула за пишување „catchy“ наслови кои ќе го привлечат вниманието на вашите читатели:
- Започнете со работен наслов.
- Како што ќе почнете да го едитирате насловот, имате на ум дека е важно да биде краток и јасен.
- Потоа, работете на украсување, без разлика дали ќе користите референци од познати ТВ серии, силни изрази, алитерација или друга тактика која со сигурност ќе биде разберена од вашите читатели.
- Ако можете, оптимизирајте го насловот за пребарувачите (SEO) со вклучување на keywords (само ако одговараат природно!).
- За крај, обидете се да го скратете. Никој не сака долг, заморувачки наслов, и запомнете, Google преферира 65 карактери максимум.
Обидете се да напишете блог пост следејќи ги овие 10 чекори. Ви гарантирам успех, како за читателите, така и за пребарувачите. Подготвени?