Црвено знакче за Coca-Cola, портокалово за Fanta, жолто за Mcdonalds… навидум не толку важни детали, но всушност гласници за вашиот бизнис. Многумина мислат дека изборот на тие бои е случаен. Избран на среќа или бидејќи одговара на ентериерот во канцеларијата. И јас бев една од нив, се додека не ме заинтересира одговорот на прашањето зошто група на компании кои се занимаваат со иста или слична дејност одбираат иста боја за нивното лого. Пример за тоа ми беа скоро сите темно газирани пијалоци, како што се Coca-Cola, Pepsi, Dr. Pepper и слично. Ако забележувате сите имаат во нив црвено, но зошто? Се копираат една со друга? Имаат некаков договор? Или пак чиста случајност?

Многу истражувања покажале дека начинот на кој изгледаат логоата не е случаен и дека може да означуваат нешто сосема спротивно од онаа кое што сме сакале. Може да привлече купувачи, а воедно и да ги оттргне.

Да замислиме едно сценарио. Се наоѓаме во непознато место, во кое ништо не познаваме и ни е потребна адвокатска канцеларија. Имаме два избори: адвокатска канцеларија со лого во црна боја и канцеларија со светло зелена боја. За која компанија ќе се одлучиме базирано само врз бојата на нивното лого?

Поголемиот дел ќе се одлучат за онаа со црна, бидејќи дава впечаток на сериозна и веродостојна компанија, додека пак онаа со зеленото упатува на разиграност и несигурност.

Секоја култура ги интерпретира боите на свој начин, но постојат некои нешта кои се однесуваат на изборот на бојата и нивните значења се универзални.

Црвена 

Црвената боја е боја која најчесто возбудува и го покренува адреналинот во телото. Предизвукува јаки чувства и емоции кај гледачот – од љубов и нежност до страв и агресија.

Сигурно додека сте посетувале некои ресторани сте забележале дека повеќето ја има црвената боја во нивниот знак, во овој случај тоа е паметен избор, бидејќи оваа боја го зголемува апетитот. Тоа е и случајот со темно газираните пијалоци, само што овде таа ги привлекува и импулсивните купувачи.

Ако сакате вашето лого да биде гласно, разиграно, да се поврзува со младите и децата, тогаш црвената боја е одличен избор за вас. Но доколку сакате да се претставите во конзервативно и сталожено светло тогаш најдобар совет би било да ја избегнете оваа боја.

 

Сина 

Сината боја е најпопуларна боја меѓу возрасните, а таа симболизира спокојство и мир.

Сината спаѓа во спектарот на ладни бои и затоа се поврзува со ладните нешта, како што е смрзнатата храна.

Ако сакате вашата компанија да биде карактеризирана со професионализам, сигурност и доверба, најпаметниот избор е сината боја. Затоа најчесто се користи од страна на социјалните мрежи, осигурителните компании и здравствените институции.

Жолта

Жолтата е најсветлата боја на спектарот и поради нејзината впечатливост таа најмногу ги привлекува новороденчињата и малите деца, се поврзува со топлина, среќа, креативост и оптимизам.

Ако вашата компанија користи знак во жолта боја, тогаш тоа за вас вели дека сте позитивна и друштвена компанија која има моќ брзо да го привлече вниманието на купувачите.

Зелена 

Зелената е боја која спаѓа заедно со сината во кругот на ладни бои и нѝ асоцира на хармонија, едноставност, природа, раст и напредок.

Ако имате зелено лого, тоа укажува на компанија која е општествено одговорна и посветена на чистата околина. Тоа објаснува зошто најмногу се користи во брендовите за здрава искрана и здрав начин на живот.

Освен тоа, асоцира и на пари со што е и добар избор ако се користи за сметководствено или финансиско друштво.

 

Црна и Бела

Црната и белата иако не спаѓаат во спектарот на боите, сепак и тие имаат свое значење доколку се искористат во некој знак. Не само во вид на позитив и негатив односно позадина. 

Белата како таква е поврзана со светлината и затоа симболизира чистина, нежност, невиност, нови почетоци и поради тоа најчесто ја користат компании кои се поврзани со медицината.

Црната , пак, претставува универзален симбол за професионализам и сериозност. Дава чувство на елеганицја, моќ и почитување. Се употребува во брендови кои се мистериозни, ексклузивни и имаат силна репутација.

 

Бојата е многу важен и влијателен елемент во дизајнот и претставува единствен и често тежок предизвик за дизајнерот. Значењето на боите е различно во различни култури и затоа дизајнерот треба да ги земе сите овие асоцијации во предвид ако дизајнира за интернационално ниво. Онаа што би било предност во една култура, би било несоодветно во друга, или обратно. 

За да ја одберете вистинската боја, потребно е да имате чиста визија за тоа како сакате да бидете перципирани од другите.

Доброто познавање на овие интерпретации на бојата овозможува дизајнерот да биде сигурен дека на одредена целна група преку бојата може да и ја пренесе пораката соодветно.