Успешна приказна: Митко Арсов – вработен по завршување на бесплатната академија за програмирање
- декември 7, 2021
- Објавено од: Rosana
- Категорија: Full-Stack Програмирање
Разговаравме со Митко Арсов кој беше учесник на првата генерација од бесплатната академија за програмирање која започна во 2019 година. Митко уште на самото пријавување покажа голем ентузијазам и беше посветен да ја промени својата кариера и да навлезе во ИТ индустријата. Ни беше задоволство да разговараме со него за искуството од академијата и неговиот професионален развој.
Доколку сте заинтересирани да прочитате повеќе за втората генерација од бесплатната академија за програмирање, кликнете овде.
1. Може ли да ни кажеш нешто за тебе?
Здраво, јас сум Митко Арсов имам 28 години и живеам во Валандово. Работам како front-end девелопер во Ludotech, француска IT компанија со претставништво во Гевгелија. Пред да започнам со IT кариера, магистрирав на архитектонскиот факултет во Скопје и работев како архитект.
2. Како дозна за SourceMX Academy?
Во мај 2019 година преку спонзорирана објава на Facebook од SourceMX Academy се заинтересирав за Adobe Illustrator курс и ја заследив нивната страница. Неколку месеци подоцна беше објавен повик – академија за програмирање.
3. Кои беа твоите очекувањата пред да се приклучиш на академијата?
Од моментот на пријавување до моментот кога дознав дека сум примен на академијата немав некои посебни очекувања. Бев релаксиран во однос на ова прашање, но и покрај тоа на академијата гледав како одлична можност и искуство за професионален напредок.
4. Што можеш да ни кажеш за твоите први впечатоци?
Првите контакти со организаторите, предавачите и останатите учесници беа супер. Од моментот на запознавање и започнување на академијата, почна да расте мојата доверба во проектот поради залагањето на предавачите и овозможенте услови од страна на организаторите, а со тоа растеа и моите очекувања. Исто така, меѓусебната соработка и помагање помеѓу нас учесниците имаше позитивно влијание.
5. Дали се исполнија твоите очекувањата кои ги имаше, и дали може да споделиш нешто повеќе околу тоа?
Можеби претпоставувате според одговорите од претходните прашања – со текот на времето моите очекувања се зголемуваа и на крајот на академијата се исполнија. По завршувањето на академијата, индивидуално работев на подобрување на вештините кои ги стекнав за време на академијата, што можеби и беше клучно при процесот на вработување.
6. Кои се работите кои ти се допаднаа најмногу и каде сметаш дека може да се направи подобрување?
Најзадоволен бев од пристапот и посветеноста од страна на предавачите да го пренесат знаењето, но и на одвоеното време за консултации и корекции помеѓу термините за предавање. На моменти сметав дека ми треба повеќе време за совладување на материјалот, затоа сметам дека продолжувањето на академијата од шест на девет месеци е одлична идеја.
7. Дали беше напорен процесот на наоѓање на работа по завршувањето на академијата?
Моето искуство во врска со ова прашање беше одлично. Само неколку месеци по завршувањето на академијата, организаторите ми овозможија интервју кое на крај резултираше со вработување.
8. Дали си задоволен со работата која ја доби по завршувањето на академијата?
Да. Се вработив во компанија која преку процес на адаптација ми овозможи надоградување на моите знаења, кои потоа ги применив во тековните проекти. Секако, процесот на учење и надоградување е континуиран.
9. Дали би ја препорачал SourceMX Academy на некој кои има претензии да работи во ИТ индустријата?
Сметам дека тимот на SourceMX нуди одлични услови и мoжности за сите кои се сериозно заинтересирани да работат во IT индустријата.