Не постои човек кој што никогаш досега не слушнал за типографското писмо Comic Sans. Секој кој што користи барем малку компјутер и технологија, сигурно се нашол во ситуација да го забележи овој посебен фонт, а исто така и искористи. 

Скоро секој дизајнер или човек кој се занимава со уметност има свое мислење за овој фонт. За повеќето од нив тоа е негативно.

Во голем број на излагања и твитови на познати дизајнери и личности, може да се забележи дека Comic Sans е едно од топ 3 најомразените работи на денешницата, а многумина дури и не знаат зошто.

Сакале или не, овој фонт е еден од најпопуларните на сите времиња, но што придонело за да стане и еден од најомразените фонтови? 

Пред неколку години, реално, Comic Sans лично мене и не ми претставуваше некој проблем. Фонт како фонт, што не одговара на сè, како и секој друг. Зошто толкав бунт за едни обични букви, зар не? 

Епа, за жал не.

Ако му понудите листа на фонтови на некој што не се занимава со дизајн, меѓу кои и Comic Sans, тој ќе го одбере токму овој фонт. Не заради тоа што е разигран, асоцира на нешто или слично, туку заради тоа што едноставно му се допаѓа. 

Comic Sans e фонт кој што на прв поглед личи како да одговара за сè, па многумина, не знаејќи дека типографијата има огромно значење во некое дело, го користат во најразлични работи. Дури и во формални писма до претседатели. Замислете писмо, граматички коректно, формално напишано со сериозен тон, но напишано во Comic Sans. Не одговара, нели?

Најлесен начин да препознаеш некој што е почетник во дизајнот е по неговата типографија. Дури и креирачот на Comic Sans сам рекол во некои негови интервјуа дека:

КАКО НАСТАНАЛ ОВОЈ ФОНТ?

Приказната за тоа како е создаден овој фонт не им е на многумина позната. Главниот „виновник“ за оваа дело е Винсент Конаре, кој бил типограф вработен во Microsoft. Во неговото долгогодишно искуство со таа компанија му било зададено задача да направи типографско писмо за програма наречена Microsoft Bob, која била наменета да ги направи компјутерите по достапни за децата.

Кога ја вклучил програмата, на екранот се појавила илустрација од куче во жолта боја со балонче за текст напишан во Times New Roman. Креаторот бил шокиран од грешната употреба на овој фонт, па затоа решил да направи нешто ново. Во тој момент се појавила идејата за Comic Sans, најмногу поради фактот дека кучињата “не зборуваат“ преку Times New Roman.

По самото негово име се препознава дека Comic Sans е фонт наменет за comics или стрипови, па така како главна инспирација му биле омилените стрипови Watchmen и Dark Knight Returns. Винсент сметал дека не е етички да ги ископира буквите, па затоа решил да направи своја верзија од истите.

Comic Sans започнал да се користи насекаде, луѓето го користеле за сè и сешто, од покани за забави па сè до натписи за продавници. 

ДОБРАТА СТРАНА НА COMIC SANS И КАДЕ МОЖЕ ДА СЕ КОРИСТИ

Секој фонт, секој дизајн, секој детаљ има некаква поента за нешто и суптилно кажува многу за дизајнерот. 

Comic Sans како фонт не е омразен заради неговиот изглед конкретно, туку заради неговата грешна употреба. Освен илјадниците страници наменети за хејт на Comic Sans , постојат и такви кои што гордо го поддржуваат. 

Всушност, овој фонт има и свои позитивни страни, малку се, да , но сепак ги има. 

Една од причините зошто би можеле да го користите овој фонт е ако сте 10-годишно дете кое што пишува честитка за 8-ми март, или пак песна за првиот школски ден. 

Винсент вели дека е горд на оваа дело, бидејки го исполнува дизајн брифот. Бил направен да ги привлече децата, мајките и татковците, а според спроведените истражувања, најмногу го користи токму оваа целна група. Тоа што останатите не знаат да го користат не е лично проблем на типографот, а ни на самиот фонт. 

Едноставно е, луѓето кои не се типографи или графички дизајнери, го избираат Comic Sans бидејќи им се допаѓа. Овој фонт не е комплициран, софистициран, не е некој класичен, туку е забавен, интересен и разигран.

Другата добра страна на оваа писмо е тоа што е одобрено од британската асоцијација за дислексија, односно помага на лицата кои имаат дислексија или потешкотии со читањето. Тоа е така поради фактот дека секоја буква се разликува од другите, со нерамномерно растојание, разновидни форми и искривени аутлајни. Обично кај скоро секое писмо p и q се истата буква само свртена наопаку, додека кај comic sans не е така туку и двете се различни .

 

КАДЕ КОРИСТЕЊЕТО НА ОВОЈ ФОНТ НЕ Е ДОБРА ИДЕЈА?

Треба да се спомене дека во дизајнот за вкус не се дискутира. Вкусот всушност е нешто кое што зависи од вашиот карактер, личност, вашите интереси. Па така неколку дизајнери и се гордеат со фактот дека го користат токму овој фонт. Но важно е тоа да е правилно искористен.

Како што спомнавме претходно Comic Sans е фонт кој што одговара за некои дизајни за деца и за дизајни поврзани со стрипови и цртани. Но дефинитивно не одговара во бизнисот, професионалноста и не е наменет за долги текстови.

Како и да е, тоа сепак не ги сопира не-дизајнерите да го користат за сè и сешто. 

Изреволтирани од тоа, настанало и движењето „BAN COMIC SANS“. Креаторите на оваа дело биле мотивирани да го започнат оваа движење, поради тоа што им било зададено да креираат дизајни со Comic Sans на места каде овој фонт не одговара. Сепак се работело за музеј, а не за штанд за лимонада.

Оваа движење не само што е против оваа писмо туку ги посочува разликите меѓу аматер и професионален графички дизајнер.

Професионалниот детално проучува кој фонт најмногу одговара на дизајнот, додека пак аматерот дизајнер го одбира оној кој најмногу ќе му се допадне. Доколку типографијата не е клучна во дизајнот – таа не треба да вика, а Comic Sans го прави токму тоа: вика. А она што го вика и пренесува дава тон на нешто незрело, детско, неформално, пренесува глупост што е тешко погодна за сериозни работи. Многумина го споредуваат дека е како да носиш карневалски костим на деловен состанок.

Покрај многуте причини зошто луѓето го мразат овој фонт, најголемата е тоа што се гледа многу често и на места каде што тоа не е потребно.

Доколку целта на вашето дело е да ги привлече децата, да насмее некого, па дури и предизвика цинизам, тогаш овој фонт е еден од изборите за вас. А за сè останато постојат многу други фонтови кои што подобро би се вклопиле во вашиот дизајн и би му помогнале да изгледа многу по професионално.