Q&A Разговор со Џина Шеровска – инструкторка на нашиот курс за PR
- септември 7, 2022
- Објавено од: Igor Spasovski
- Категорија: Блог за дигитални вештини
Денес разговараме со Џина Шеровска која ќе го води курсот за PR – односи со јавност и комуникација.
Сите наши инструктори на курсевите во SMX Academy имаат за цел на учесниците да им помогнат да добијат знаења и вештини преку кои ќе можат да направат чекор кон нова кариера, или напредување во нивната сегашна професија.
Џина е доктор во областа на маркетинг менаџментот и нејзината академска насока е стратешки комуникации, односи со јавност и дигитални медиуми. Нејзиното неформално образование вклучува посета на доста академии, специјализирани курсеви и обуки.
Во продолжение прочитај го нашиот разговор со неа и добиј одговори на сите прашања кои те делат од започнување или надоградување на твојата кариера како PR експерт.
1. Какво образование имаш завршено?
Од аспект на формално образование, дипломирав на Факултет за деловна економија и и организациони науки, насока маркетинг. Мојата специјалистичка теза беше во областа на менaџментот. Магистрирав на Факултет за деловна економија и организациони науки, насока менаџмент. Докторирав бизнис администрација, со посебен осврт кон маркетинг менаџментот како една целина. За неформалното образование кое исто така e значајно во развојот на една индивидуа, може во некоја следна прилика повеќе да разговаравме, но на кратко вклучува доста академии, специјлизирани курсеви и обуки.
2. Кое е твоето професионално занимање?
Покрај тоа што работам како консултант во областа на маркетинг и односите со јавноста, професионално работам во областа на внатрешна ревизија, односно кредитна контрола.
3. Како започна да работиш како PR?
Јавното говорење и пишување на еден магичен начин го доближија PR-от до мене, така што би можела да кажам дека PR-от ме пронајде. Мојата прва работна позиција како PR беше во маркетинг агенција, која што имаше клиенти од домашен и меѓународен пазар. Во тој момент сфатив дека PR-от е секогаш тука да ја поместува границата на креативноста и да поставува нови трендови, а сепак да се грижи за социјалниот како и корпоративниот сегмент, на еден транспарентен, искрен и иновативен начин. Само така се создава магија.
4. Зошто според тебе PR е потребно на компаниите?
Затоа што односите со јавноста се едноставно, неизоставен дел на секоја успешна кампања и дел од секоја корпоративна стратегија. Ставовите и верувањата на публиката за една компанија можат многу да влијаат на нејзиниот успех. Компаниите не треба да продолжат да се водат на ист начин како во минатото во свет каде што предизвиците се нови. PR-от го заслужува своето столче на корпоративната маса, затоа што претставува нишка која ја воспоставува и одржува довербата кон клучната и општата јавност, со одржување на постојан глас низ комуникациските платформи.
5. Како PR се разликува од рекламирањето?
Многу луѓе ги мешаат односите со јавноста со маркетинг и рекламирање. Иако има сличности, постојат и клучни разлики. Веројатно најважната разлика помеѓу маркетингот, односите со јавноста и рекламирањето е примарниот фокус. Односите со јавноста го нагласуваат негувањето на односите помеѓу компаниите или поединецот и клучната јавност со цел да го менаџира имиџот и репутацијата на клиентот. Маркетингот ја нагласува промоцијата на вредноста од производи и услуги, за финансиски цели. Додека пак, рекламирањето е алатка за комуникација што ја користиме со цел да ги наведеме потрошувачите да дејствуваат.
6. Зошто се одлучи за PR?/ Зошто сакаш да работиш во PR?
Мојот фокус е ориентиран кон маркетинг комуникаците во целост, попрецизно кон PR-от, бренд менаџментот и омни маркетинг комуникации со тоа што секогаш ги вклучувам и финансиите како клучна дисциплина која што се обединува со маркетингот. PR-от дава многу можности за креативност, размислување, учење и развивање односи. Или со една реченица, PR-от е секогаш тука за вас.
7. Што те мотивира?
Изворот на мотивација е навистина многу индивидуален аспект. Како маратонец, можам слободно да кажам дека мотивација, никогаш не ми недостасувала и ја наоѓам на многу различни начини, дали тоа е во времето поминато со најблиските, мислите кои лутаат при првото утринско кафе или верувале или не, моментот додека пазарувам во маркет. Но, едно е сигурно, резултатите се секогаш мојата водилка.
8.Која е твојата идеална работна средина?
Дефинитивно динамична работна средина, каде што идејата на компаниската култура е континуираното подобрување. Исто така, ми се допаѓа да работам во група каде што членовите на тимот можат да се охрабруваат меѓусебно и да ги споделат своите идеи, особено зошто верувам во заеднички раст и развој.
9.Кога одговараш на медиумски и јавни прашања, на кое прашање е најтешко да се одговори?
Хипотетички прашања. Одговарањето на хипотетичко прашање со повеќе шпекулации не е корисно за никого. Но, еден од принципите на PR-от на кој речиси секогаш се осврнувам како во работењето така и на самите предавања е тоа дека секогаш е потребно да дадете одговор, “немам коментар” треба да биде далечно минато; од таму и доаѓа потешкoтијата.
10.Што може да се работи со PR Диплома?
PR индустријата има да понуди широк спектар на можности кога станува збор за позиции каде знаењето и вештините доаѓаат до израз, некои од нив се:
– Консултански компании како дел од тимот
– Организации од јавен, приватен или невладин сектор
– Маркетинг агенции
– Медиуми и телевизии
– Влада и останати политички сектори
– Организација на настани
– Секаде, затоа што знаењето стекнато на предавањата можете да го пренесете на полето кое вам ви е потребно.
11. Со какви познавања ќе се здобијат учесниците од курсот за PR?
Нашиот курс за PR има за цел на учесниците да им помогне да се стекнат со вештини за односи со јавност неопходни за дефинирање, имплементација и евалуација на стратегии и тактики кои ќе помогнат во градењето на идентитетот, имиџот и репутацијата на една организација. Анализата и работа на реални примери ќе придонесе кон приближување на PR-от до учесниците и како тие да постапат доколку се најдат во слична ситуација.
12.Зошто заинтересираните да го изберат курсот за PR на SMX Academy?
ПР-индустријата е брза и секогаш бара талентирани кадри. Со курсот за PR на SMX Academy учесниците ќе се стекнат со професионално знаење и практични вештини за тоа што значи креирање на приказна, управување со кризна ситуација, зголемување на видливоста и свесноста на брендот, притоа учејќи ги индустриските протоколи, комуникацијата со медиумите, управувањето со прашањата на клиентот, развивање имиџ на брендот и најважниот аспект на PR-от – заштита на угледот на клиентот. Сите оние кои имаат желба да работат креативна работа, каде што секој ден да им биде различен и пол со предизвици.
Дознајте повеќе за целосната програма на курсот за PR на следниот ЛИНК.