УСПЕШНА ПРИКАЗНА: Патеката на Митко Арсов, од архитект до програмер во шведската компанија Волво
- април 15, 2023
- Објавено од: Hristina Kolova
- Категорија: Full-Stack Програмирање Fullstack програмирање со JS Успешни приказни
Разговаравме со Митко Арсов, учесник од првата генерација на Академијата за Програмирање која започна во 2019 година. Уште од самото пријавување, Митко покажа голем ентузијазам и беше посветен кон кариерна промена во IT индустријата. Благодарение на знаењето што го стекна за време на академијата и континуираниот професионален развој, тој започна да работи за еден од најпознатите светски брендови за производство на луксузни возила – Volvo.
___
- Може ли да ни кажеш нешто за тебе?
Моментално работам како Frontend Developer со претходно искуство како Архитект. Основите на web програмирањето ги научив на Академијата за Програмирање во SMX, а користењето современи web технологии во Ludotech ми овозможи континуирано учење и напредок.
Од неодамна сум дел од тимот Insight Lab во Open Innovation Arenа, организација која развива проекти за иднината на Volvo Cars.
- Какво беше твоето познавање од светот на програмирањето пред да започнеш со академијата?
Немав претходно знаење или искуство со програмирање, но истражував околу можностите за промена на кариерата во таа насока.
- Што ти изгледаше најинтересно од светот на технологијата и програмирањето пред да влезеш во индустријата?
Интернетот и еволуцијата на паметните телефони во претходната деценија отворија многу можности за развој на онлајн алатки и апликации. Ваквиот тренд поттикна брз развој и промени во JavaScript и web технологиите базирани на овој програмски јазик, но исто така ја зголеми потребата од web програмери.
Имав интерес за web дизајн и негова имплементација како компромис на архитектурата. Промена на кариера во оваа насока изгледаше реална опција поради достапните алатки и материјали за учење, но пред сè поради можноста за континуиран напредок во кариерата.
- Како дозна за SMX Academy и што ти беше клучно при одлуката да се вклучиш во академијата за програмирање?
За SMX Academy дознав преку спонзорирана Facebook објава. Се работеше за курс за графички дизајн и илустрации организиран од SMX и Ване Костуранов како инструктор. Можноста да учам дизајн од Ване беше клучна за мојот интерес! Иако не успеав да бидам дел од курс, ја заследив страницата на SMX за можности во иднина.
Неколку месеци подоцна, SMX објави конкурс за Академија за Програмирање каде доделуваа стипендии. Одлуката да се пријавам за мене беше многу лесна – поволни финансиски услови за учење современа професија која нуди многу можности за кариерно напредување.
- Како би го опишал твоето целокупно искуство со SMX Academy?
Овозможените услови од страна на организацијата, пристапот и посветеноста на инструкторите во проектот, како и соработката со останатите учесници беа клучни за надминување на повеќето тешки моменти во напорното темпо на учење.
Покрај развивањето на технички вештини, SMX Academy ми го овозможи контактот со Ludotech – компанијата во која добив шанса преку неколку интервјуа да добијам пракса, а потоа и работа.
- По завршувањето со академијата започна со работа во Ludotech, компанија која соработува со SMX. Дали може да ни кажеш повеќе за Ludotech и нивното влијание во твојот професионален развој?
Ludotech е француска IT компанија со претставништво во Гевгелија којашто работи на креирање и развој на дигитални продукти за организации од глобалниот пазар.
Сметам дека покрај мојот труд и знаење, процесот на прилагодување, соработката и поддршката од тимот беа клучни за мојот напредок.
- Со какви технологии имаше можност да работиш во Ludotech, што ти беше најинтересно, а што најголем предизвик?
Имав можност да работам на проекти во кои се користи React, Redux, mobX, Gatsby и Node. Најголем предизвик за мене беше учењето на нови технологии и библиотеки.
- Како започна твојата приказна со Volvo Cars и каков беше процесот на селекција?
Аплицирав за неколку позиции во Volvo Cars, но немав очекувања. Бев изненаден од feedback-от, техничките предизвици и динамиката со која се одвиваше комуникацијата. После неколку тестирања и различни видови на интервјуа бев известен дека јас сум кандидатот кој е избран за позицијата.
- За крај, колку е слично, а колку различно тоа што сега го работиш, со тоа како ги замислуваше програмерите дека работат пред да ја започнеш твојата кариера во индустријата?
Имам впечаток дека повеќето луѓе програмирањето го поврзуваат директно со математика. Среќен сум што го немав тоа мислење пред да аплицирам во SMX, знаев само како изгледа продуктот – web страна или web апликација.
Немав идеја како изгледаат обврските и работната методологија кај програмерите. Всушност, затоа и се пријавив – за да научам.