Во време на хаос и големи промени, вработените во фирми кои за прв пат треба да работат од дома се соочени со нов предизвик. Тие не само што треба да се адаптираат на стравот и анксиозноста кои доаѓаат заедно со овие промени, туку и комплетно да го реструктуираат начинот на кој работат и сепак да останат продуктивни.

Бизнисите кои отсекогаш биле против работењето од дома сега се принудени да го направат овој начин на работење приоритет.

Како што бизнисите се адаптираат на новите големи промени,се повеќе е потребно да се разбере како всушност луѓето ќе успеат да одговорат ефикасно на оваа криза.

Не само што ваква промена досега не сме доживеале, туку и живеењето во свет во кој што иднината ни е толку непозната, додава додатен стрес на секојдневието во кое треба да останеме смирени и да продолжиме да ги извршуваме секојдневните работни обврски.

 

Ако и бизнисот за кој вие работите е еден од тие кои почнаа да работат од дома со цел да се спречи ширењето на вирусот, време е да прочитате неколку совети како полесно да прилагодите на новонастанатата ситуација.

Веројатно сте премногу навикнати на работа од канцеларија или на терен што овој начин на работа ви изгледа скоро невозможен. Вашата мотивација досега ја црпевте од интеракцијата со вашите колеги и целокупната работна атмосфера на вашето работно место.

Состаноци, ручеци со клиенти, спонтани среќавања со луѓе се само голем дел од местата од каде што доаѓаат инспирацијата и идеите за вашата креативност и вашата работа.

За работен персонал кој е навикнат да работи во социјална близина, депривацијата од близок контакт со колегите е сериозна бариера која дури и со денешната напредна технологија е многу тешко да се премине.

Тогаш, со сите овие недостатоци кои доаѓаат со оваа голема неизбежна промена, како да го задржите моралот и продуктивноста додека работите од дома? Еве 6 совети.

Никој не очекува работите да бидат перфектни

Она што најпрво треба да го запомните е дека никој не очекува од вас перфекција. Во овој случај многу е битно да бидете искрени со самите себе и со вашиот менаџер или работодавач, за тоа колку и што можете да завршите и кои се вашите секојдневни бариери во исполнувањето на вашите задачи.

Имате еден, скапоцен живот. Како да одлучите кој е најдобар начин да го потрошите вашето време? Многу гуруа за продуктивност често предлагаат да се фокусирате да го потрошите вашето време на правилните работи наместо на многу различни работи.

Нема ништо по бескорисно од тоа да вршите работи кои воопшто не треба да ги правите.

Прогрес се прави не само кога сте продуктивни, туку кога сте продуктивни со вистинските работи.

Затоа за време на изолација е многу важно да се направи план за кои се најприоритетни и најважни задачи кои треба да ги завршите и тие да ги направите особено добро.

Останете активни

Да бидете активните секогаш треба да ви биде приоритет, особено во време на непредвидени промени.

Најлошо нешто што може да направите во овој момент е да бидете пасивни и да дозволите времето да ја прегази вашата продуктивност и со тоа и вашата самодоверба и идна реализација.

Кога преземате акција секогаш фокусирајте се она што можете да го контролирате во моментот и ослободете се од мисли за работи кои неможете да ги контролирате.

Бидете спремни за процесот кој следува и не дозволувајте седењето дома да ве направи пасивни.

Останете во контакт

Нема ништо полошо од тоа комплетно да се изолирате од вашите колеги, тогаш се оддалечувате од вашата работа и вашата мотивација комплетно паѓа. 

Искрената и транспарента комуникација е многу потребна во ваква криза.

Важно е секоја ситуација да биде вистински адресирана и сите прашања да ви бидат одговорени за работата да може да тече како вообичаено.

Ако имате било каков проблем или ситуација со која не можете да се справите, важно е тоа да го искомуницирате со вашите колеги или вашиот менаџер за заедно да најдете начин како да го решите проблемот.

Дискутирањето за проблемите со кои вашата работа се соочува ве потсеќа дека сите сте на исти брод, во иста бура и дека само заедно можете да ја поминете оваа криза без да има големи последици за бизнисот и за вашиот личен живот.

Споделувајте си совети

Како вашите колеги се справуваат со оваа ситуација? Ако имате проблем да останете продуктивни со работа од домa, чувствувајте се слободно да ги прашате вашите колеги каква рутина имаат тие.

Можеби ќе ви дадат совет за како полесно да добиете инспирација или како да ги исклучите сите дистракции кои ги имате во вашиот дом. Ако вие имате некоја посебна рутина, споделете ја со вашите колеги и не прекинувајте да работите на социјалните врски со вашите колеги кои може да ви донесат голема предност во иднина.

Практикувајте емпатија и трпеливост

Додека работите од дома ќе се соочите со многу дистракции. Кучињата ќе лаат, децата ќе плачат, комшиите ќе пуштаат гласна музика.

Во оваа ситуација треба да бидете флексибилни и да останете свесни дека работите се многу поразлични, не се перфектни, меѓутоа прогресот не е невозможен и ќе успеете да се соочите со овој предизвик.

Секојдневно поставувајте си прашања и цели. Што функционира, а што не? Кои се најголемите предизвици?

Фокусирајте се само на она што можете да го промените и преземете акција да го направите тоа.

Бидете трпеливи со луѓето со кои што го делите животниот простор затоа што секој различно се справува со новиот начин на живот. Пробајте заедно да ги надминете дистракциите и разумно да разговарате за проблемите со кои се соочувате. Врските кои ќе ги изградите или уништите во овој период може да траат за цел живот.

Креирајте систем за шернување на документи

Ако досега не сте работеле со Google Docs, сега е време да почнете. Ќе ви заштеди многу време и ќе ве ослободи од дополнителен стрес од губење документи или барање на документи по мејлови или на различни платформи.

Работењето на заеднички документи со вашите колеги ќе ви ја олесни работата и никогаш нема повеќе да треба да се грижите дали сте го зачувале документот или дали сте го пратиле на време.

За крај, она што никако не смеете да го заборавите е да си дозволите емотивен одмор. Работењето од дома е голема транзиција. Многу пати ќе се чувствувате осамено, изолирани, под стрес, анксиозно и со недостаток на мотивација. Од вас зависи дали сите овие емоции ќе ги претворите во релаксираност, енергичност и продуктивност. Сè е во ред и сè што чувствувате е нормално. За секоја транзиција треба време, затоа немојте да бидете премногу строги самите со себе.