Обидете се да ја замислите оваа слика: 1983 година, Џорџ Мартин е на почетокот од својата кариера и го издава романот “Armageddon Rag”. Издавачите сметаат дека ќе биде одличен успех, но книгата воопшто не се продава, буквално никој не сака да ја купи.

Сега, во овој случај Џорџ Мартин можел да се откаже од пишување и “Game of Thrones” никогаш немаше да го види светлото на денот, меѓутоа тој успеал да се издигне над овој неуспех со едноставна рутина – едноставно продолжил да пишува, а како ќе видите во наредните совети кои ги практикуваат речиси сите големи и успешни автори.

Сите познати автори имаат свои рутини во пишувањето, но она што е заедничко за сите е тоа што тие не чекаат да им дојде голема инспирација. Едноставно седнуваат речиси секој ден во средина во која сите можни дистракции се “исклучени” и почуваат да пишуваат, независно дали пишувањето тој ден е успешно или не.

Земете ја за пример Маја Анџелоу, прославената американска авторка и поет, која е добро позната по нејзините наградувани автобиографии. 

Нејзиниот стил на пишување е доста уникатен. Иако живеела во голема куќа, Маја Анџелоу секое утро во 6 часот излегувала од својот дом и пишувала во хотелска соба која ја изнајмувала. Во хотелската соба имало само кревет и ништо друго. Дури и сите уметнички слики морале да бидат извадени од зидовите за да нема никаква дистракција.

Обично пишувала до 2 часот попладне, а некогаш до 12:30 ако пишувањето и одело лошо. Во собата се чувствувало осаменост, а токму тоа и требало за комплетно да се фокусира на својата работа.

Кога си доаѓала дома во 14:00 часот го читала она што го има напишано тој ден, и потоа ги вадела сите мисли за пишување од својот ум и продолжувала со сите вообичаени активности кои ги имала во денот. Спремала ручек и потоа ручала со својот сопруг, на кој некогаш му читала што има напишано, но не му било дозволено да коментира за текстот.

Она што Маја Анџелоу и Џорџ Мартин го имаат заедничко, што и голем број од успешните автори од минатото и денешницата го имаат, се сет од вештини и навики кои довеле до тоа баш тие да се истакнат од гротото писатели кои имаат талент. 

Патот до создавање на креативна и квалитетна содржина не е едноставен. Не постојат точни точки кои ќе треба да ги следите и кои загарантирано ќе ви донесат успех, но постојат неколку генерални совети кои сите писатели ги користат и кои ќе ве однесат еден чекор поблиску до целта.

  • Креативност

Во 1966-та година, еден од најпознатите умови во историјата, Исак Њутн, додека шетал во својата градина бил погоден од Еурека момент. Тој сфатил дека земјата има сила и ги привлекува сите елементи кон својот центар. Во овој момент, за првпат во историјата бил роден концептот за гравитација.

Овој Еурека момент многу луѓе го користат како изговор кога станува збор за прогрес во својата професија. Тие чекаат да ги погоди гром инспирација за да имаат иницијатива да започнат да работат на себе во било кое поле. Всушност никој не размислува дека Исак Њутн работел на својата идеја уште 20 години пред да ја издаде својата книга во која го објаснува принципот на гравитација.

Она што може да го заклучите од историјата е дека креативностна не е Еурека момент, туку процес. Тоа не е ваша судбина, тука развој на идеи кои ги добивате во текот на вашиот живот.

Креативноста е всушност кога нашиот мозок прави врска помеѓу идеи кои веќе ги имаме во мозокот. Ретко може да се измисли нешто комплетно уникатно и ново од “празен лист”.

Најчесто тоа се случувања од минатото, поврзани со некои нови концепти кои секојдневно ги учиме, фантазии генерирани од нашето досегашно животно искуство, сонови во кои се случуваат работи кои во јаве не можеме ни да ги замислиме.

Креативноста е составување на сите овие делчиња на начин кој не бил направен никогаш порано.  Така се создаваат уникатни дела, кога ќе разберете дека секое животно искуство и начинот на кој ги доживуваме и најсекојдневните ситуации се уникатни за секој човек.

  • Фокус и концентрација

Она што веројатно не го знаете за Џорџ Мартин е тоа дека тој своите текстови ги пишува на многу стара компјутерска програма која се вика WordStar 4.0. Тој на својот компјутер нема никакви дистракции, социјални мрежи, игри, слики и слично. Има една едноставна платформа за пишување на црн екран без ништо друго.

Едно од најтешките работи кои писателите на 21ви век треба да го направат е да се “вратат назад во времето”.

Буквално, треба сите модерни дистракции да ги елиминираат што е многу потешко отколку што изгледа. Во денешно време ако ни е здодевно дури на една секунда, веднаш посегнуваме по нашиот телефон.

Просечниот корисник на паметен телефон поминува околу 2 часа дневно на социјалните мрежи. Сега размислете што може да направите ако тоа време го скратите барем на половина. Би имале плус 300 часеви плус за пишување што може да генерира многу квалитетна содржина.

Она што на сите ни треба за фокус и концентрација е помалку од сè. Идеите ги црпиме од секојдневниот живот, но времето кое е за пишување треба да биде резервирано само за тоа. Треба самите да си поставиме граници кои ќе дозволат целокупната енергија да ја насочиме кон завршување на она што не унапредува, наместо да се држиме до огромен број на ресурси кои ни го одвлекуваат вниманието од она што навистина треба да го правиме.

  • Навики

Она што следува е најтешкиот дел. Сите можеме да седнеме еден ден и да пишуваме, но квалитетна содржина се создава само кога се има конзистентност во рутината. Пишувањето секој ден е тоа што ќе ве направи квалитетни писатели.

Создавањето навики е долг процес. Потребно е многу време за да ги видите посакуваните резултати од вашата работа и токму овде луѓето губат мотивација.

Навикнати сме на однесување што носи задоволство за многу кратко време, затоа понекогаш чекањето и продолжувањето на истото однесување секојдневно може да биде доста тешко.

Наједноставен начин како да се држите до некоја навика е да ги елиминирате сите лоши навики и да ги направите недостижни, а добрите навики да ги автоматизирате.

Поентата е да се заљубите во процесот на создавање, а не само да се стремите кон достигнување на целта. Едноставно да уживате во здодевната рутина на завршување на секојдневниот таргет во пишување на зборови.

Сигурно и Џорџ Мартин сакал да постигне успех веднаш штом го напишал својот прв роман, но тој чекал и 20 години пишувал текстови кои на крајот му го донеле успехот во кој денес ужива.

Вашата рутина не мора да биде иста како онаа на Џорџ Мартин, или Маја Анџелоу, или пак Исак Њутн. Потребно е сами да одлучите кои граници ќе си ги поставите сами за себе, да расчистете со кои работи сте спремни да се откажете и да бидете искрени самите со себе за тоа колку големи се всушност вашите амбиции за пишување. Вашата приказна е уникатна и Вашата посветеност директно ќе влијае врз Вашиот успех.