Блог
Shipper, broker, carrier, owner-operator: кој кому плаќа во американскиот транспорт
- октомври 23, 2026
- Објавено од: administratorskarabota
- Категорија: US Accounting

Во американскиот транспорт, пред да книжиш една фактура, треба да одговориш на едно прашање: која е нашата компанија во оваа трансакција? Превозник, брокер или нешто трето? Од одговорот зависи кој ти должи пари, на кого ти должиш и каде оди трошокот.
Главните страни во еден превоз
- Shipper: компанијата што има стока за превоз.
- Freight broker: посредник што организира превоз меѓу клиентот и превозникот. За тој товар обично не го вози камионот сам.
- Motor carrier: превозникот, компанијата одговорна за превозот, со свои или со ангажирани камиони.
- Dispatcher: диспечерот ги координира товарите, возачите, распоредот и оперативните детали. Може да работи за превозникот или за друга страна.
- Driver: возачот, кој физички го прави превозот.
- Receiver / consignee: примачот на стоката.
- Owner-operator: лице или фирма што поседува или изнајмува камион и нуди возење или превоз.
Пример: кој кому плаќа?
Брокер ангажира превозник, да го наречеме Carrier A, да превезе товар за 2.400 долари. Carrier A пак ангажира owner-operator за 1.750 долари.
- Клиентот на брокерот му плаќа на брокерот, според нивниот посебен договор.
- Carrier A му испраќа фактура на брокерот за 2.400 долари, откако брокерот ќе ја прифати потребната документација за испорака.
- Carrier A му должи 1.750 долари на owner-operator-от, според нивниот посебен договор.
Едноставната разлика за Carrier A е 650 долари, пред гориво, осигурување, режиски трошоци и сè друго.
Две замки што ги прават почетниците: да претпостават дека shipper-от секогаш е клиент на превозникот, и дека возачот секогаш е тој што прима исплата. Во примерот погоре, клиент на Carrier A е брокерот, а исплатата оди кај owner-operator-от.
Четири бизнис модели
1. Asset-based carrier
Превозник што поседува или изнајмува камиони и опрема и сам го врши превозот. Приходот е поврзан со превозот за клиентите. Трошоците се гориво, поправки, гуми, патарини, осигурување, плати или исплати на возачи и опрема. Камионите и приколките може да се водат како основни средства, ако се исполнети критериумите за капитализација. Трошоците често се следат по камион, возач, локација или товар.
На што да внимаваш: исплатите кон вработените возачи (payroll) треба да се разликуваат од исплатите кон независни превозници.
2. Brokerage
Брокерот организира превоз со трети превозници и заработува од разликата меѓу она што го наплатува од клиентот и она што му го плаќа на превозникот. Наплатата од клиентот и исплатата на превозникот се две посебни обврски, секоја со свои документи.
Пример: брокерот наплатува 2.400 долари од клиентот, а на превозникот му плаќа 1.950. Бруто разликата е 450 долари, пред другите оперативни трошоци. Тоа не е целата добивка на компанијата. Дали приходот се прикажува бруто или нето зависи од фактите, договорите и сметководствените правила што се применуваат.
3. Hybrid carrier/broker
Компанија што има свои камиони, а истовремено ангажира и туѓи. Во една трансакција е превозник, во друга брокер.
4. Owner-operator бизнис
Самостоен транспортен бизнис, често под договор за закуп или услуга со превозник.
Сметководствениот тек секогаш зависи од улогата на компанијата во конкретната трансакција.
Како се плаќа owner-operator
Owner-operator може да е платен како процент од приходот на товарот, по милја или со договорен фиксен износ. Исплатата се прикажува во settlement statement:
Бруто исплата − одобрени одбитоци − аванси = нето исплата
Секој одбиток мора да има основа во договорот и во документацијата. Одбиток што не може да се поткрепи е грешка, колку и да е мал. Подетално за ваквите грешки пишуваме во 7 грешки што сметководството мора да ги фати навреме.
И уште едно правило: не претпоставувај дека секој возач е вработен ниту дека секој превозник е owner-operator. Сметководствениот третман зависи од договорот и од вистинскиот однос, па фактите секогаш се проверуваат.
Сето ова е од првата лекција на програмата US Accounting за trucking компании во SMX. Ако сакаш да го пробаш во пракса, следниот текст е вежба со еден товар од 3.100 долари.