Блог
Што е US trucking accounting и зошто е посебна ниша во сметководството
- октомври 23, 2026
- Објавено од: administratorskarabota
- Категорија: US Accounting

Кога некој ќе каже „американско сметководство“, повеќето луѓе помислуваат на US GAAP или на даноци. Trucking accounting е нешто поконкретно. Тоа е секојдневната сметководствена работа во американска транспортна компанија: фактури за превоз, исплати кон превозници и возачи, трошоци за гориво и документи што мора да се совпаднат пред некој да книжи било што.
Ако студираше економија или веќе работиш со AP, AR или главна книга, основите ги имаш. Разликата е во тоа на што се применуваат.
Колкав е американскиот trucking пазар
Според American Trucking Associations (American Trucking Trends 2025), камионите во 2024 година превезле 72,7% од домашниот товар во САД, мерено во тони. Бруто приходот од превоз со камиони истата година бил 906 милијарди долари, по 1,004 трилиони во 2023. Во индустријата работат 3,58 милиони професионални возачи, од вкупно 8,4 милиони работни места поврзани со trucking. Кај FMCSA, американската агенција што ги регистрира превозниците, во јуни 2025 имало околу 580.000 активни превозници.
Најважниот број за сметководителот е друг: 91,5% од превозниците возат 10 или помалку камиони. Пазарот е огромен, но многу расцепкан. Тоа значи многу мали партнери (превозници, брокери, owner-operators), секој со свои цени, свои документи и свои рокови за плаќање.
Што го прави trucking сметководството поинакво
1. Сè се врти околу товарот
Основната единица е товарот (на англиски load), односно еден превоз на стока од точка А до точка Б. Секој товар има своја договорена цена, свои документи, своја фактура кон клиентот и свој трошок кон превозникот.
2. Во една трансакција има многу страни
Shipper (оној што праќа стока), broker (посредник), carrier (превозник), dispatcher (диспечер), возач, owner-operator (сопственик на камион кој вози за себе) и receiver (примач). Кој кому должи зависи од тоа која улога ја има твојата компанија. За ова пишуваме подетално во текстот кој кому плаќа во американскиот транспорт.
3. Работата е водена од документи
Rate confirmation, BOL, POD, фактури, settlement statements и сметки мора да се согласуваат. Ако цената на фактурата не одговара на rate confirmation-от, или ако нема доказ за испорака, фактурата не треба да излезе. Секој од овие документи е објаснет во посебен текст: rate confirmation, BOL и POD.
4. Тајмингот е важен
Испораката, фактурирањето, наплатата од клиентот, исплатата на превозникот и признавањето на крајот на месецот често се случуваат во различно време. Еден товар може да е испорачан во еден месец, а да е фактуриран и платен во следниот.
Што всушност работи сметководителот во trucking компанија
Кога ќе се тргне настрана теоријата, работата изгледа вака:
- обработува или проверува фактури за превоз (freight invoices) и фактури од добавувачи (vendor bills);
- помага во пресметката на исплатите на owner-operators (settlements), во проверката на картичките за гориво и во усогласувањето на факторингот;
- ги следи AP и AR трансакциите до главната книга (GL) и ги истражува разликите;
- помага во месечното затворање на книгите и прави основни извештаи за работењето на компанијата;
- јасно ги пренесува отворените прашања и знае кога да ги ескалира.
Најтешкиот дел ретко е самото книжење. Потешко е секое книжење да се поврзе со вистинскиот товар и со документите што стојат зад него.
Зошто ова е ниша
За оваа работа ти требаат три работи одеднаш: сметководствена основа, разбирање на тоа како функционира транспортната операција и англиската терминологија на индустријата. Факултетот ти ја дава првата. Другите две ретко се учат кај нас, бидејќи се врзани за еден специфичен пазар.
Даноците се посебна област. Trucking accounting во смисла во која го користиме овде значи обработка на трансакции, усогласувања, затворање и извештаи. Даночните пријави и даночната усогласеност не се дел од тоа.
Каде да почнеш
Во SMX ја започнуваме програмата US Accounting за trucking компании: 24 лекции во три месеци, па уште еден месец за интегриран проект врз реалистични примероци од документи. Финалниот проект ти останува како портфолио. SMX соработува со американска сметководствена компанија специјализирана за trucking клиенти. По програмата, со твоја согласност, ѝ ги испраќаме твоето CV и портфолио, а компанијата одлучува дали ќе те покани на разговор. Тоа е шанса за интервју. Одлуката за вработување е секогаш нивна.
Повеќе за програмата и пријава: us-accounting.smx.mk.