Како Да Дизајнирате Совршено Портфолио За Дизајнер?
- октомври 22, 2020
- Објавено од: Теодора Дузлеска
- Категорија: Graphic Design ,
Без разлика дали сте full-time дизајнер или некој што е заинтересиран за дизајн проекти, многу е важно да имате дизајн портфолио.
Што е дизајн портфолио?
Дизајн портфолио е всушност единствениот елемент кој му е потребен на клиентот со цел да ве избере токму вас за неговиот проект.
Со други зборови, доколку работите како дизајнер, солидно скоцкано портфолио е вашиот билет за професионален успех.
Не, не е музеј за сите ваши минати проекти, ниту пак е книга со скици за нови идеи. Тоа е вашата визит-карта, визуелна претстава за сè што досега сте постигнале и симбол за тоа каде се надевате дека ќе бидете во иднина.
Во прилог ќе ви ги издвоиме дел од начините и чекорите како да го дизајнирате вашето портфолио.
1. Бидете внимателни за тоа што го вклучувате во портфолиото
Доколку сте почетник исто (како мене), знае да биде тешко да се најдат проекти кои ќе ги вметнете во портфолиото. Но, има решение и за тоа. Започнете од „лажни“ проекти кои што не се наменети за клиенти директно, сè со цел да го зголемите вашето искуство, а исто така и да го пополните вашето портфолио.
Ако пак веќе имате работено на проекти, важно е да се запрашате дали сите тие проекти заслужуваат место во вашата „визит карта“.
Не додавајте сè што некогаш сте дизајнирале. Одвојте време да ги прегледате сите ваши парчиња, исклучете сè она на кое не се гордеете сèуште или не го сметате за вашето најдобро дело. Гледајте на вашето портфолио како вашите најголеми хитови – нешто што ја рефлектира не само работата што сте ја завршиле, туку и работите што би сакале да ги правите во иднина.
Вклучете разновидност од проекти. На пример, наместо да прикажувате пет веб-страници што сте ги дизајнирале за пет различни компании, додадете некоја илустрација, лого, печатен оглас што сте го дизајнирале за некоја организација, оставете примери каде сте работеле во тим, сами и сл.
БОНУС СОВЕТ: Ако не сакате одреден вид клиент, не покажувајте таков вид работа во вашето портфолио.
2. Потрудете се да изгледа како целина
Откако ќе ги изберете финалните парчиња, проверете дали одговараат како целина, бидејки тие ја формираат вашата „марка“, односно вашиот личен бренд. Не сакате вашето портфолио да изгледа како да е група работа од многу луѓе или да вклучува неповрзани примери.
Тоа не значи дека треба да ги групирате сите веб-дизајни и сите логоа заедно, туку погледнете како боите, линиите и аглите би функционирале заедно. Ова дава убаво чувство на естетика без да лутате.
3. Редовно го надоградувајте
Трендовите, техниките и технологијата брзо се менуваат, затоа не вклучувајте ништо старо повеќе од три години. Портфолиото не е застојана работа. Всушност, тоа е како живо суштество кое се развива како и вие.
Како што стекнувате повеќе искуство, ажурирајте го вашето портфолио за да претставите за каков вид на работа сакате да работите најмногу. Ако навистина обожавате да дизајнирате насловни страници и би уживале да ги дизајнирате секој ден, направете ги тие „камен-темелник“ на вашето портфолио.
Вашето портфолио треба да се чувствува свежо, човечко. Доколку се изработи добро, потенцијалните клиенти или работодавци ќе добијат силно чувство за тоа кои сте како личност и како професионалец – и вашата работа навистина ќе блесне.
4. Оставете контакт форма
Важно е да запомнете дека вашето портфолио е само еден дел од вашето присуство на Интернет како графички дизајнер. Не заборавајте да додадете ваша e-mail адреса и да ги вклучите вашите профили на социјалните мрежи. Социјалните медиуми можат да бидат одличен начин да се изгради вашиот бренд и да бидат главен елемент што може да го убеди клиентот да ве вработи.
Можете исто така да ги користите социјалните медиуми за да покажете кои сте вие како личност. Ако сте вклучени во какви било проекти или хуманитарни акции, можете да го покажете и тоа.
Создадете содржина што ги испраќа луѓето до вашето портфолио затоа што се заинтригирани за тоа кои сте вие како личност.
Запомнете: ако изберете да ги користите социјалните мрежи на овој начин, одржувајте ги вашите објави чисти и професионални. Добро е да твитате фотографија од тоа како пиете кафе во дизајнерска чаша, но држете ги навредите и фрустрациите со клиентите приватни. Последното нешто што потенцијален клиент сака да го види, е лице со кое е тешко да се работи или не е дискретно.
5. Раскажувајте приказна
Постојат голем дел проекти кои веројатно се самообјаснуваат, но не е таков случајот со сите.
Не претпоставувајте дека гледачите го разбираат значењето на секоја ставка од портфолиото само врз основа на изгледот. Вие не се „продавате“ на другите дизајнери, туку на клиенти кои што најчесто немаат огромно познавање во графички дизајн. Затоа треба да им објасните зошто дизајнот е ефикасен и како сте го направиле на тој начин.
Помислете на вашето портфолио како раскажување приказна. Тој треба да обезбеди почеток, средина и крај.
Белешките за проектот, кој ви бил клиент, кои вештини сте ги користиле и како се пласирал проектот, може да помогнат да се објасни зошто тој бил успешен.
Натписите или објаснувањата треба да бидат кратки и точни. Оставете ја вашата работа да зборува сама за себе – клиентите можат да ве контактираат за да постават прашања доколку ги имаат. Секое пишување на вашето портфолио треба да биде искрено и самоуверено, исто така и граматички коректно.
Како за крај…
Портфолиото е столбот на креативецот, бидејќи покажува за што сè сте способни. Тоа е изложба на вашата пот и талент. Тоа е вашиот бренд и затоа треба да ве претставува во најдобро светло.
Примери од некои добри дизајн портфолија: