Како што технологијата напредува, ние маркетерите константно се чувствуваме под притисок да откриеме нешто ново што би понудиле на нашите клиенти и да бидеме чекор пред сите други. Иако правењето интеграции на еден или друг начин не е нешто ново во нашата сфера, со помош на сите алатки кои ги имаме на располагање денес, правењето комплицирани интеграции помеѓу повеќе апликации и автоматизирање на цели процеси е полесно од било кога, а да напоменеме дека некои интеграции може да ја олеснат работата и да ја зголемат ефикасноста за дури 50%.

Најпрво, да разјасниме…

Што е интеграција?

Како што светот станува сè поповрзан со технологијата, потребата на компаниите да имаат маркетинг стратегија која опфаќа повеќе канали е поголема од било кога. Корисниците се 24/7 поврзани на интернет преку своите мобилни телефони, па така тие се спремни да направат интернет истражување и да најдат повеќе информации за било каков бренд или производ што ќе го сретнат. На пример, ако слушнат смешна реклама на радио, веднаш ќе го извадат телефонот од џеб и ќе пребараат кој стои позади оваа реклама, со очекувања да најдат веб страна комплетно спремна за нивната посета.

Овaa масивна потреба да се биде присутен на сите можни платформи на кои потенцијалните корисници ќе ве пребаруваат е последица на брзиот раст на технологијата. Имањето на целосна контрола врз целото ваше присуство насекаде може да биде многу тешка задача, а примањето контакт информации и сторнирањето на истите во еден документ уште потешко. Па така произлегува потребата од интеграции.

Во наједноставни зборови, интеграција во маркетинг е собирање на информации од два или повеќе извори на едно место со цел да ги олесни и автоматизира репетитивните задачи, заштедувајќи многу време и пари.

Примени на Интеграции во Маркетинг

Во Roccad, маркетинг агенција целосно насочена на Facebook рекламирање, особено Chat маркетинг, кампањите на нашите клиенти обично водат во Messenger, каде добиваме контакт информации од потенцијални корисници за нив и во Messenger собираме големи количини информации. Во меѓувреме, имаме и други видови кампањи кои водат кон еден Landing Page, односно веб страна, каде исто така собираме контакт информации. Два извори на информации, но не се пристапуваат од едно исто место. Овој проблем за нас го решаваат две од најкорисните онлајн алатки кои некогаш сме ги користеле: Integromat и Zapier!

Integromat vs. Zapier

Пред да одлучите со која алатка ќе започнете да правите интеграции, би сакал да ви ги кажам најголемите разлики помеѓу овие две познати алатки.

Integromat Pros:

  • Визуелен едитор: Integromat има поинтересен и по „user-friendly“ едитор од Zapier, што значително го олеснува правењето повеќе-чекорни интеграции.
  • Повеќе операции на бесплатен план: Иако ги мерат своите функции на различен начин (Zapier „zaps“, Integromat „operations“), Integromat нуди неограничен број „сценарија“ (автоматизирани работни текови) и до 1,000 операции (задачи кои се извршуваат во еден работен тек) на месец, додека пак Zapier нуди само 5 сценарија (zap-ови) и 100 задачи на месец.
  • Повеќе достапни апликации на бесплатен план: Во бесплатниот план на Integromat, сите апликации и услуги се достапни, за разлика од бесплатниот план на Zapier, кој не дозволува некои премиум апликации.

Integromat Cons:

  • Поддршка: Освен тоа што имаат и-меил поддршка за корисниците, Integromat и Zapier имаат големи бази на информации и лесно може да се дојде до одговор на било каков проблем и да наидете. Но, за жал, Integromat овозможува поддршка само за оние кои го плаќаат најскапиот месечен план.

Zapier Pros:

  • Избор на апликации: Zapier има многу повеќе апликации од Integromat помеѓу кои може да направи интеграции, или поточно, повеќе од 2,000 апликации (бесплатни и премиум) и поврзувањето на истите не бара никакво знаење од програмирање или читање линии код.
  • Полесна за почеток: Иако визуелниот едитор на Integromat ги прави работите доста лесни, сепак Zapier е полесна за почетници бидејќи нуди лесни чекори за следење за градење на еден работен тек.
  • Известување за failed zap: Zapier има константен мониторинг на кој може да се препуштите, а доколку се случи нешто неочекувано со вашите автоматизирани процеси, веднаш добивате известување на меил.

Zapier Cons:

  • Многу premium features: Многу од можностите на Zapier не се достапни на бесплатниот план или на поевтините други планови, а кога веќе го имате Integromat со сите апликации, услуги и можности отворени на било кој план, изборот е лесен.

Пример 1: Префрлување информации од Facebook Messenger до MailerLite/MailChimp, па праќање известување на Asana/Slack

Доколку лансирате Click-to-Messenger кампања и со помош на ManyChat сакате да собирате контакт информации (меил и телефонски број) и потоа да ги имате нивните контакт информации за користење на друг маркетинг метод, Zapier или Integromat ќе ви овозможат тоа лесно да го направите реалност, а пак од меил маркетинг платформата можете веднаш да им испратите меил за да го потврдите нивното присуство на вашата меил листа.

За да го направите ова во Zapier, потребно ќе биде да ја поврзате вашата Facebook страна од која ја лансиравте кампањата, да го додадете ManyChat каналот кој е поврзан со таа Facebook страна и да ја поврзате вашата корисничка сметка на вашата меил маркетинг платформа (MailerLite, MailChimp или друга). Градењето на оваа автоматизација можеби бара малку истражување, но ќе ја олесни вашата мануелна работа. Всушност, треба да го изградите следното сценарио:

  • Кога некој ќе ги остави [овие] информации во Messenger, додади го во оваа група subscribers на меил маркетинг платформата.
  • ОПЦИЈА: Веднаш испрати му го [овој] меил.
  • ОПЦИЈА 2: Испрати нотификација во Slack во [овој] канал.

Иако не е достапно на бесплатниот план на Zapier бидејќи можете само еден чекор, доколку се претплатите на било кој план на Zapier, ќе можете да додадете и трет чекор, односно да испратите нотификација на Asana или на Slack, до одреден канал и да известите дека акцијата која ја сакавте се случила, односно информациите од ManyChat се успешно префрлени во MailerLite/MailChimp.

Пример 2: Префрли информации од пополнета контакт форма на страна во MailerLite/MailChimp, па запиши ги на Google Sheet и за крај испрати меил за потврда

Доколку вашата кампања води до вашата веб страна и целта ви е да пополнат контакт форма, освен тоа што информациите ќе ги имате достапни во веб страната, со интеграција тие ќе можат да бидат достапни и на вашата меил маркетинг платформа каде што ќе може веднаш да им испратите меил за потврда. Исто така, сите овие информации може да ги додадете во Google Sheet документ во кој можеби водите некаква евиденција.

Без разлика на која контакт форма ја користите, Zapier ги поддржува повеќето и ќе ви овозможи лесно да ја направите оваа интеграција. Поврзете ја формата, вашата веб страна (особено лесно е ако ви е WordPress) и изградете ја следната ситуација:

  • Кога некој ќе ја пополне [оваа] форма, додади го во оваа група на subscribers.
  • ОПЦИЈА: Веднаш испрати му го [овој] меил.
  • ОПЦИЈА 2: Додадете ги овие информации на Google Sheet документ.
  • ОПЦИЈА 3: Испратете известува во канал на Slack.

Пример 3: Извести го тимот кога некој ќе додаде нов фајл на споделениот Google Drive фолдер

Доколку работите во тим и користите Google Drive, честопати може да се случи да пропуштите кога некој колега ќе прикачи фајл кој сте го чекале. Со помош на Zapier, може да креирате zap кој ќе ве извести на меил, Slack или Asana секогаш кога некој колега или клиент ќе прикачи фајл во одреден фолдер или воопшто на споделениот Google Drive. Ова е можеби најлесниот zap со само два чекори, а може да ви врши огромна работа.

Пример 4: Добијте и-меил известување за пополнета Google форма и префрлете ги информациите во Google Sheets документ

Уште една интересна автоматизација која може да ви ја олесни работата доколку користите Google forms. Сè што треба да направите за оваа автоматизација е да ги поврзете Google Forms и Google Sheets на Zapier, па да ја поставите следната логика:

  • Кога ќе добиете New Response на Google формата, додади нова редица со пополнетите информации на претходно подготвен Google Sheets документ со соодветни имиња на колоните (Create Spreadsheets Row).
  • Откако ќе го ажурирате Google документот, испрати известување на [овој] и-меил.
  • ОПЦИЈА: Доколку користите Slack, одговорите од Google Form лесно може да изберете да ви се испратат во одреден канал на Slack, можеби посебен канал само за одговорите на формата, каде што веднаш ќе ги дискутирате со тимот.

Овие се некои од наједноставните интеграции помеѓу апликации кои се користат секојдневно и ќе може да ги направите уште денес! Сè што ви треба за да ги направите овие интеграции е малку истражување и гледање примери, и многу експериментирање.

За разлика од овие едноставни примери, можностите со правење интеграции помеѓу повеќе апликации се навистина без граници. Постојат интеграции кои сеуште не се замислени од други маркетери. Можеби предизвикот за да се завладее со правењето интеграции помеѓу апликации е токму тоа што ова би можело да биде иднината на дигиталниот маркетинг.