Сега повеќе од било кога, бизнисите преминуваат кон онлајн продажба со цел нивните потрошувачи да можат да ги уживаат производите и услугите на бизнисот во својот дом. Трендот за онлајн продажба не е нов, во Македонија и глобално е присутен веќе повеќе години, но заради глобалната пандемија и препораките за седење дома, онлајн продажбата се покажа како единствен начин за голем број бизниси да функционираат и опстанат.

Почнувајќи од нас самите, SourceMX Academy пред два месеци немаше поставено систем за онлајн плаќање бидејќи функциониравме преку уплатница во банка или фактури. Секако дека нѝ беше во план, но нѝ беше предвидено за втората половина на оваа година. Веднаш штом увидовме дека плаќањето во банка ќе биде проблем за повеќето луѓе, решивме дека мораме што побрзо да поставиме систем за онлајн плаќање бидејќи претставува сериозна закана за функционирањето на бизнисот.

Со овој блог пост сакаме да помогнеме на сите бизниси кои размислуваат за имплементирање на систем за плаќање на нивната веб страна, па така го споделуваме нашето искуство и совети.

Што ви е потребно:

  1. Домеин и хостинг
  2. Веб страна креирана во WordPress
  3. SSL сертификат и промени на веб страната
  4. Поднесување барање во банка и добивање понуда
  5. Поднесување дополнителни документи
  6. Добивање параметри за тестирање и продукција
  7. Дополнителни информации на веб страната
  8. Започнување со продажба

ВАЖНО: SourceMX Academy во овој текст ги користи за пример MKhost како хостинг провајдер и НЛБ Банка за систем за онлајн плаќање и истите ги препорачуваме како најдобри.

Исто така, дел од инструкциите ќе бидат вметнати како линк од видеа за ваша полесна имплементација. (линковите ќе бидат означени со здебелени и закосени букви)

Доколку имате проблеми со било кој од чекорите, може да нè контактирате на нашата Facebook страна, info@localhost или слободно пишете во Facebook групата WordPress Macedonia каде има голем број на професионалци кои ќе ви помогнат.

1. Домеин и хостинг

Започнуваме од најосновното, доколку немате веб страна, најпрво е потребно да купите хостинг и домеин. SourceMX Academy го препорачува сервисот MKhost.mk како најдобар со исклучително добра поддршка за клиенти.

Внимавајте при купување на хостингот: треба добро да разгледате кој пакет ќе го изберете бидејќи ако се одлучите за помал пакет, може да наидете до проблеми со просторот и сообраќајот, односно вашата веб продавница да има многу производи и многу посети. Затоа препорачуваме Regular или Power хостинг пакет.

2. Веб страна креирана во WordPress

Штом најдете слободен домеин и купите хостинг, започнувате со градење на вашата веб страна која треба да биде креирана во WordPress. (SourceMX Academy организира курс за градење веб страна во WordPress за 50% намалена цена).

За полесно градење на веб страната, постојат голем број на бесплатни WordPress темплејти кои ќе ви помогнат брзо и едноставно да ја поставите веб страта. Доколку сакате попрофесионална страна со повеќе опции, тогаш може да пребарате во веб сервисите кои имаат огромен избор на платени темплејти.

Штом завршите со градење на вашата веб страна, потребно е да се инсталира бесплатниот плагин WooCommerce кој всушност ја претвара веб страната во веб продавница. За потребите на системот за плаќање, потребно е да креирате Кошничка, Продавница (страна каде ќе бидат изложени производите), како и производи кои се креираат преку Products > Add New.

3. SSL сертификат и промени на веб страната

Еден од условите за поставување на систем за онлајн плаќање на вашата веб страна е да купите и инсталирате SSL сертификат. Ова е потребно заради безбедно процесирање на онлајн трансакции, лозинки, кредитни картички и кориснички информации.

Како што наведовме и претходно, SourceMX Academy ги препорачува MkHost и за купување на SSL сертификат. За да добиете дозвола за поставување систем за онлајн плаќање, потребно е да го купите сертификатот E-commerce SSL, кој потоа тимот на MkHost комплетно ќе го постави и ќе добиете уникатна IP адреса за вашата веб страна, која потоа се пополнува во барањето во банка.

Следен чекор, на веб страната потребно е да поставите Политика за заштита на личните податоци, Политика за поврат на средствата и доколку вршите достава на производи/услуги, потребно е да креирате Политика за испорака на производи/услуги. Сите овие линкови ќе ви бидат потребни при поднесување на барањето во банка или Техничката пријава која се пополнува откако ќе ја прифатите понудата од банката.

Дополнително, креирајте две празни страни именувани Успешно плаќање и Неуспешно плаќање, кои исто така се поднесуваат во Техничката пријава.

4. Поднесување барање во банка и добивање понуда

Откако ќе ги поставите сите претходни чекори, ќе може да преминете кон пополнување на барање за инсталација на e-commerce. Изборот на банка не е едноставен, овде е потребно да се земат повеќе критериуми во обѕир кои најмногу ќе одговараат на вашата компанија.

SourceMX Academy се одлучи за НЛБ Банка од неколку причини – брза електронска и телефонска комуникација, напредна платформа за менаџирање и евиденција на трансакциите, поволни услови за поставување систем за онлајн плаќање и компатибилен плагин за WordPress (WooCommerce).

Барањето за инсталација на сервисот НЛБ e-Commerce, може да го превземете на овој линк, а откако ќе го пополнете го испраќате на [email protected] или во некоја од експозитурите на НЛБ банка. Во период од неколку дена ќе бидете контактирани на меил од одговорно лице, од кое ќе добиете официјална понуда во која се наведени сите услови за соработка помеѓу вашата компанија и банката.

5. Поднесување дополнителни документи

Откатко ја прифатите добиената понуда од банката, ќе добиете меил во кој е наведено кои други документи се потребни за да се комплетира апликацијата за поставување на систем за онлајн плаќање на вашата веб страна.

Еден од потребните документи кој треба да го пополните е Техничка пријава, во која ќе треба да ги вметнемете дел од линковите од чекор 3. За другите документи треба лично да одите во екпозитура на НЛБ Банка каде се финализира процесот на поднесување документи.

6. Добивање параметри за тестирање и продукција

Неколку дена по поднесување на документите во банка, ќе добиете известување на меил со детали за најава на тестна околина. Доколку сами ја спроведувате имплементацијата, тогаш има на располагање бесплатен плагин NLB Payment Gateway For Woocommerce развиен од Митко Кочковски.

Заедно со меилот ќе добиете и тест картички, кои откако ќе го поставите плагинот, треба да направите 4 плаќања за успешно/неуспешно плаќање со Visa и успешно/неуспешно плаќање со Mastercard. Штом завршите со тестовите, на истиот меил пишувате известување дека тестовите се комплетирани и дека може да се премине во продукција.

По неколку дена, ќе добиете меил со продукциските параметри кои ги заменувате со тестерските во плагинот. Внимание, откако ќе ги замените не треба да правите трансакции, бидејќи најпрво банката треба да направи тест трансакција. Преминете на следниот чекор пред да добиете меил за пуштање на системот за плаќање во употреба.

7. Дополнителни информации на веб страната

Пред да биде пуштен системот во продукција, на веб страната задолжително е да ги додадете главните информации за вашата компанија, Име, Седиште, ЕДБ, ЕМБС, Жиро сметка како и линковите за Политика на приватност, Политика на враќање на средства и доколку имате, Политика за испорака.

Последниот чекор е додавање на слика дека вашата веб страна овозможува безбедно плаќање со Mastercard и Visa.

Информациите за компанијата заедно со сликата, најчесто се поставуваат во футерот (footer), односно најдолниот дел од веб страната.

8. Започнување со продажба

Штом го добиете меилот со известување од банката дека вашиот систем за онлајн плаќање е во употреба, веќе може да се вршат трансакции и да започнете со продажба.

Се надеваме дека овој водич ќе ви помогне при поставување на систем за плаќање на вашата веб страна, доколку се одлучите за овој чекор, ви посакуваме успех.