Многу често во секојдневието слушаме коментари од типот програмирањето е тешко или животот на програмерот е доста тежок. Во овој блог пост сакам да ја прославам мојата 1-година работа како Front-end developer во SourceMX и да го споделам сето она што го научив и со што сè се соочив.

Happy reading

Кодирањето пред сè е креативна работа која се сведува на размислување, читање и учење нови нешта. Јас мислам дека само 30% од работното време во еден обичен ден програмерот всушност го поминува во пишување на линии код. Останатите 70% се сведуваат на читање, учење нови нешта и многу многу размислување.

Тимот е од исклучителна важност

Успехот на сите е поголем од успехот на една индивидуа. Програмирањето е тимска игра и честопати ќе се наоѓате во ситуација да работите во тим со некој без разлика дали вие тоа го сакате или не. Зошто го велам тоа? Можеби работите како фриленсер програмер, меѓутоа развивате само некое делче од целиот проект. Поради таа причина, мора да бидете во постојана консултација со некој со позиција над вашата и некој кој може да направи промени кои ќе одговараат на вашето решение.

Кога работите во тим, мора да бидете свесни за улогата која ја имате во тимот. Како вели поговорката, „Две глави мислат подобро од една.“ Понекогаш дури и со разговор со некој од колегите од тимот за некој одреден проблем со вашата работа можат да доведат до фантастични и применливи решенија. Бидете секогаш точни со роковите не дозволувате вашите колеги од тимот да чекаат на вас и бидете трпеливи кога тие го прават тоа. Бидете љубезни и одговорни кон работата и никогаш нема да се здобиете со титулата “личноста со која никој не сака да работи”.

Мојата работа се сведува на работа во мал тим составен од 5 луѓе и досега навистина добро функционираме. Работата во мал тим има големи предности, а би издвоила само неколку:

  • Во работата зависите најмногу од двајца други колеги (лесно и со разговор може да ги предвидите вашите следни активности)
  • Секогаш може да комуницирате лесно (делиме иста просторија)
  • Немаме правилници за работа, туку во однос на проектот се договараме кој ќе биде задолжен и за што, како и по кои правила ќе работиме, т.е на што треба да обрнеме најмногу внимание.

Најди можност да го споделиш своето знаење

Без разлика која е вашата улога во тимот (дали сте практикант, junior, senior), со колку и знаење да располагате, секогаш настојувајте да го споделувате. Така најдобро ќе ги научите сите новити во областа. Бидете дел од програмерското “community”, вклучете се во најразлични групи и споделете го своето знаење или понудете помош. Предлог групи во кои може да се вклучите:

 

Охрабрувате ги вашите помлади колеги настојувајте да ги разберете, бидејќи понекогаш само мал потик е доволен за голем успех.

Покрај тоа што работам како Front-end developer, SourceMX Academy ми подари исклучителна можност да работам како инструктор за HTML & CSS и да го споделувам своето знаење со многу млади луѓе кои сакат да навлезат во областа програмирање. Тоа за мене претставува дополнителен предизвик за да се вложам во тоа што го работам уште повеќе!

Секојдневните битки на еден програмер

Во овој дел ќе зборувам конкретно за битките со кои се соoчувам јас, а верувам и поголемиот број на луѓе во оваа област:

  • Една од најголемите дилеми со кои се соочувам е дали мојот код е доволно јасен, дали моите колеги ќе можат да работат понатаму врз тоа што јас го имам направено.
  • Дали моите коментари во кодот се јасни и концизни и дали се од помош.
  • Дали тоа што сум го напишала како решение е најправилно и најкомплетно и дали може да го подобрам.
  • На интернет постојат толку многу ресурси за да научите нешто ново, но не секогаш располагаме со доволно време.
  • Секојдневно се случува нешто ново. Не секогаш можете да бидете во тек со сите новости од областа.
  • Дали областа во која работам ќе биде актуелна и барана во иднина или треба да размислувам за премин во друга област во програмирањето.
  • Понекогаш ќе се најдете во ситуација да бидете програмер, дизајнер, фотограф и пишувач на текстови истовремено.
  • Борба за нови клиенти и задоволување на истите.

Места од каде црпам нови информации

Како што напоменав и погоре, една од битките со која се соочувам е да бидам во тек со сите новости во областа. Практикувам да се претплатам на newsletter-и на соодветни страни кои нудат содржина поврзана со областа во која работам и директно на меил добивам известувања еднаш неделно или месечно. Некои од страниците кои најмногу ги користам за информирање се: Medium, FreeCodeCamp, Css Tricks, Dev.to и Smashing Magazine. Исто така често практикувам да следам конференции онлајн или да присуствувам на некои конференции, се разбира, ако се има можност и финансии за тоа.

Секогаш може да најдете слободно време ако добро се организирате 

Во голем дел се согласувам со тезата дека програмерите се презафатени луѓе, но исто така верувам во фактот дека ако добро се организирате ќе може да најдете слободно време за вашите хобија. На интернет постојат многу мерачи на време кои можат да ви кажат колку време сте потрошиле на одреден проект. Таквите информации може да ви бидат од корист кога следен пат ќе имате ист или сличен проект. (се разбира секогаш може да се појави непредвиден bug).

Порака што сакам да ја испратам: 

Никој не се родил како програмер, постојат само луѓе кои поседуваат навистина импресивни логички способности, а останатото е само пракса, пракса и пракса.

Дали сте подготвени да го прифатете предизвикот?